Во XIII век минстерскиот епископ го набавил земјиштето на ова подрачје и така тоа влегло во Епископското Кнежевство Минстер. Со распуштањето владичките држави во 1803 г. Фехта му припаднала на Олденбург, иако останала под духовно водство на Минстер, поради што областа се нарекува Олденбуршки Минстерски крај. Денешниот округ е основан во 1945 г. како дел од новосоздадената покраина Долна Саксонија.
Округот се одликува со рамничарски предели. Само во најјужниот дел има еден ридски венец близу градот Даме, наречен Дамски Ридови (Dammer Berge). Во окружните граници влегува и западниот брег на Димерското Езеро со околните слатини.